Агенцијата за филм на Република Северна Македонија и оваа година е присутна на филмскиот маркет кој се одржува во рамки на Канскиот филмски фестивал каде ќе биде промовирана македонската кинематографија.
Од најновата филмска продукција поддржана од Агенцијата за филм, грчко-македонската копродукција „Киука, пред летото да заврши“ (Kyuka, Before Summer’s End), во режија и по сценарио на Костис Харамуданис, својата светска премиера ja имаше како дел од програмата ACID на 77.
Кански филмски фестивал, што се одржува од 14 до 25 мај. Остварувањето на Харамуданис, со проекцијата на 15 мај, во 20 часот, ја има честа да го отвори 32. издание на програмата ACID. Филмот е во продукција на Херетик (Грција) и Лист Продукција (Северна Македонија). Програмата на ACID (Association for the Distribution of Independent Cinema – Асоцијација за дистрибуција на независен филм) на Канскиот филмски фестивал е креирана во 1993 година и прикажува 9 долгометражни филмови, фикција и документарци. Овие филмови се избираат од стотиците пристигнати филмови од цел свет, од страна на петнаесетина филмаџии, членови на асоцијацијата.
Меѓудругото, нашата продуцентка Ангела Несторовска (Сектор филм) е избрана меѓу 20-те Producers on the move, програма на European Film promotion, меѓународна мрежа за филмска промоција каде Агенцијата за филм е членка.
Дополнително, проектот „Пролетно чистење“ на режисерката Marija Apcevska – Петровска во продукција на Kino Oko, а по сценарио на Марија Апчевска – Петровска и Ереник Бекири е еден од 10-те проекти одбрани на 16-та едиција на престижната програма La Fabrique Cinéma de INSTITUT FRANÇAIS за препознавање и промовирање на филмаџии и продуценти од целиот свет. Ова е прв македонски проект одбран во оваа програма.
Програмата La Fabrique Cinéma се одвива во рамките на Festival de Cannes од 14 до 25 мај, каде продуцентот Роберт Насков и режисерката Марија Апчевска – Петровска имаат можност да го претстават проектот пред најдобрите агенти за продажба и дистрибутери како и пред програмери и селектори на најголемите филмски фестивали.
Освен ова успешно претставување на нашата кинематографија на престижниот Кански филмски фестивал, Агенцијата за филм реализира низа активности во насока на афирмација на македонскиот филм на еден од најважните филмски фестивали во светот.
Македонскиот штанд во SEE павиљонот е место на кое македонската делегација од Агенцијата за филм ги претставува најновите случувања во нашата кинематографија и реализира средби за идни копродукциски соработки. За оваа цел е подготвен обемен промотивен материјал.
Сите присутни на Филмскиот маркет кои го посетија павилијонот на земјите од Југоисточна Европа (SEE pavilion), а се заинтересирани за потенцијални идни соработки и иницијативи имаа можност да остварат состаноци со претставник од Агенцијата, Вероника Бучковска и Маја Мариќ, претставник од МЕДИА Деск МК.