Агенцијата за филм на Република Северна Македонија оствари средба со делегација од Република Турција

01/12/2022

Директорот на Агенција за филм, г. Бојан Лазаревски вчера оствари средба со делегација од Турција предводена од Заменик министерот за култура и туризам на Турција, г. Ахмед Мисбах Демирџан.

На средбата пред се беше истакната одличната соработка помеѓу двете земји, која ги вклучува сите области на културата, а која се должи во дел и на богатото историско и културно минато помеѓу двете земји.

Присутните на средбата констатираа дека филмот претставува мост помеѓу двете култури и во насока на продлабочување на соработката во полето на филмската дејност беше разговарано за создавање на филмски фестивал кој би се одржувал на територија на Република Турција чија цел е на турските љубители на филмот да им го претстави филмското творештво од земјите на Балканот. Прикажувањето на македонски филмски дела на еден ваков фестивал ќе даде значаен импулс и ќе отвори нови можности за продлабочување на соработката помеѓу двете земји преку промоција на културите и размена на автори и искуства.

Присутната делегација од Турција изрази особен интерес и за опусот на браќата Милтон и Манаки Јанаки кои со своето творештво се дел од повеќе истории и култури, вклучително и на турската култура и историја бидејќи својата младост ја поминале за време на Отоманската империја кога и почнале да се занимаваат со фотографија. Дел од снимките кои се дел од нивното творештво опфаќаат настани поврзани со Младотурската револуција а го снимиле и доаѓањето на турскиот султан Решад во Битола.

Двете страни изразија уверување дека од особено значење е да продолжи комуникацијата и да се отворат можности за интензивирање на соработката помеѓу двете земји  во областа на филмската дејност, меѓу другото и преку поттикнување и соработка на копродукциски проекти како и учество на филмски проекти на филмски фестивали во двете земји.

На средбата како дел од турската делегација присуствуваа и г. Еркин Јилмаз, Генерален директор за кинематографија, Селчук Јавузканат, помошник генерален директор за кинематографија, Танер Бејоглу, помошник генерален директор за библиотеки и издаваштво, Шахин Башол, Шеф на кабинет на Заменик министер и Хасан Каја, Советник на заменик министер. Од Агенцијата за филм на состанокот присуствуваа  Анита Стојческа, Вероника Бучковска и Габриела Стојмировска од секторот за филмска дејност како и г. Игор Иванов, претседател на Друштвото за филмски работници.

Share This