КОНКУРСОТ ЗА ФИНАНСИРАЊЕ НА ПРОЕКТИ ЗА ПРОИЗВОДСТВО НА ДОЛГОМЕТРАЖЕН И КРАТКОМЕТРАЖЕН ИГРАН, ДОКУМЕНТАРЕН И АНИМИРАН ФИЛМ за 2024 година

Врз основа на член 25 став (1) од Законот за филмската дејност („Сл. Весник на РСМ“’ бр.82/13, 18/14, 44/14, 129/15, 152/15, 39/16, 11/18 и 275/19), Агенцијата за филм на Република Северна Македонија објавува:

КОНКУРС ЗА ФИНАНСИРАЊЕ НА ПРОЕКТИ ЗА ПРОИЗВОДСТВО НА ДОЛГОМЕТРАЖЕН И КРАТКОМЕТРАЖЕН ИГРАН, ДОКУМЕНТАРЕН И АНИМИРАН ФИЛМ

I. Конкурсот се распишува за финансирање на проекти од национален интерес во филмската дејност и тоа за:

– Долгометражен игран и анимиран филм чија должина на времетраење на филмот е над 70 минути

– Долгометражен документарен филм чија должина на времетраење на филмот е над 60 минути

– Краткометражни филмови (игран, документарен и анимиран) чија должина на времетраење е до 30 минути

Филмот во зависност од креативното и финансиското учеството на Република Северна Македонија може да биде:

– Филм чиј режисер и филмски продуцент се од Република Македонија и во кој учествуваат мнозинство автори, актери и други уметници и филмски работници од Република Македонија или филм кој во 80% е финансиран со средства од Република Македонија или филм произведен од еден или повеќе филмски продуценти од Република Македонија, со најмалку еден автор од Република Македонија и со претежен дел на филмски работници од Република Македонија

– „Kопродукциски филм“; со малцински финансиски удел на Република Македонија“ е домашен филм во кој учеството на Република Македонија не може да биде повеќе од 10%, но не помалку од 5% во вкупните трошоци за производство на филмот и филм произведен во соработка со странски филмски продуценти во согласност со Конвенцијата на Советот на Европа за кинематографска копродукција (ревидирана),

– „филм од посебен интерес за Република Македонија“ е филм кој ја афирмира историјата на Македонија“.

II. Право на учество и услови за конкурирање

II. 1 Право на учество

  1. Право на учество на Конкурсот имаат само филмски продуценти регистрирани во Централниот Регистар на Република Северна Македонија за вршење на дејност производство на филмови како претежна дејност.
  2. Право на учество немаат правни лица кои на конкурсот аплицираат со студентски филм, од причина што истиот е менторски изработен филм.
  3. За производство на долгометражен игран филм право на учество немаат правните лица кои се пријавуваат со проект чиј режисер, претходно има одобрен проект за реализација на долгометражен игран филм од страна на Агенцијата и истиот сеуште не е завршен..

II. 2 Услови за конкурирање

  1. За производство на долгометражен игран филм може да конкурира филмски продуцент од Република Северна Македонија кој ги исполнува и условите од член 26 став (5) од Законот за филмска дејност.
  2. За производство на дебитантски долгометражен игран филм, може да конкурира филмски продуцент кој ги исполнува и условите дефинирани во член 26 став (6) од Законот за филмска дејност.
  3. За производство на копродукциски филм со малцински финансиски удел на Република Северна Македонија може да конкурира филмски продуцент од Република Северна Македонија кој има снимено и јавно прикажано најмалку два краткометражни играни, документарни или анимирани филмови со кои учествувал на најмалку два меѓународни фестивали што го потврдува со доставување на соодветна документација.

Студентски филмови не се сметаат како претходно изработени филмови на продуцентот и режисерот на проектот.

На конкурсот може да се пријават филмски продуценти со најмногу два проекти од различни категории, и со најмногу еден во иста категорија.

III. Пријавите доставени по Конкурс нема да бидат рзгледувани и истите ќе бидат одбиени доколку

  • се некомплетни, ненавремени, се доставени од неовластено лице, содржат неточни и неразбирливи податоци, не се доставени по електронски пат;
  •  не ги исполнуваат условите наведени во Конкурсот;
  • немаат извршено соодветна уплата по Конкурс;
  • кои најмногу три пати аплицираат со исто сценарио во последните 5 години.
  • се доставени од филмски продуцент кој има забрана за учество на Конкурс по одредени основи предвидени со Законот за филмската дејност;
  • се доставени од филмски продуцент кој не ги вратил средствата добиени од Агенцијата за реализација на проект кој не се реализирал во рок од пет години сметано од денот на склучување на преддоговорот
  • се доставени од филмски продуцент против кого е поднесена тужба до надлежен суд од страна на Агенцијата.

IV. Начин и рок на пријавување

Конкурсот е отворен во текот на целата година, а одлучувањето по доставените филмски проекти е двапати годишно и тоа: во Април и во Октомври.

– за првиот рок на одлучување пријавите потребно е да се достават најдоцна до 01.03.2024 г.

 – за вториот рок на одлучување најдоцна до 15.08.2024 г. (не е конечно дефиниран)

Пријавувањето на филмските проекти се врши со доставување на пополнета Пријава со прилог документација која е наведена во Пријавата и Конкурсот. Пријавата е составен дел од Конкурсот и е објавена на веб-локацијата на Агенцијата за филм на Република Северна Македонија.

Пријавата треба да се превземе од веб-локацијата на Агенцијата за филм (www.filmagency.gov.mк ) да се пополни на македонски јазик електронски со впишување на податоци на означеното место и да се верификува. За секој филмски проект се пополнува соодветна и одделна Пријава.

Пријавата со прилог задолжителна документација и друга документација за Конкурсот треба да се достават до Агенцијата за филм на Република Северна Македонија преку пошта на адреса: ул. „8 Март бр. 4, или со нивно предавање во архивата на Агенцијата со назнака „Пријава на Конкурс за производство на филмови’’, најдоцна до 15:00 часот.

Целосната документација доставена со Пријавата на Конкурсот задолжително се доставува и по електронски пат на:contact@filmagency.gov.mk.

Доставените Пријави и доставената документација по Конкурс не се враќаат на подносителот.

V. Приоритети за финансирање на проекти

Приоритет при одлучувањето на Конкурсот ќе имаат филмски проекти кои покрај уметничкиот имаат и третираат современи, универзални теми и се со потенцијална циркулација, ја афирмираат Република Северна Македонија, како и автентични филмски проекти од реномирани македонски автори, млади автори – дебитанти, и малцински копродукции кои ќе придонесат за унапредување на македонската кинематографија.

VI. Критериуми за евалуација на проекти

Финансирањето на филмски проекти од национален интерес во филмската дејност ќе се врши врз основа на спроведена евалуација на критериумите и мерилата утврдени со Правилникот за поблиските критериуми и мерила за оцена на критериумите за финансирање на филмски проекти од национален интерес во филмската дејност („Службен весник на Република Македонија“ бр. 97/14) поблиску уредени со Правилникот за поддршка на проекти за производство на долгометражен и краткометражен игран, документарен и анимиран филм бр.01-217/1 од 30.01.2023 година

VII. Висина на учество на Агенцијата во финансирањето

Агенцијата ќе учествува во финасирање на филмските проекти со средства во висина до најмногу 70% од вкупниот буџет и тоа за:

  • Долгометражен игран не повеќе од 62.000.000 денари
  • Долгометражен анимиран филм не повеќе од 62.000.000 денари,
  • Долгометражен документарен филм не повеќе од 10.000.000 денари;
  • Краткометражен игран филм не повеќе од 5.000.000 денари
  • Краткометражен документарен филм не повеќе од 4.000.000 денари
  • Краткометражен анимиран филм не повеќе од 5.000.000 денари.

Агенцијата ќе учествува во финансирање на филмските проекти за дебитански филм со средства до најмногу 90% од вкупниот буџет и тоа за:

  • Долгометражен игран не повеќе од 25.000.000 денари
  • Долгометражен анимиран филм не повеќе од 25.000.000 денари
  • Долгометражен документарен филм не повеќе од 5.000.000 денари;
  • Краткометражен игран не повеќе од 2.000.000 денари
  • Краткометражен документарен не повеќе од 2.000.000 денари
  • Краткометражен анимиран филм не повеќе од 2.500.000 денари

Агенцијата ќе учествува во финансирање на филмски проекти од посебен интерес за Република Северна Македонија со средства до најмногу 90% од вкупниот буџет и тоа за:

  • Долгометражен игран може да бидат и повеќе од 62.000.000 денари
  • Долгометражен анимиран филм кои може да бидат и повеќе од 62.000.000 денари
  • Долгометражен документарен филм не повеќе од 15.000.000 денари;
  • Краткометражен игран не повеќе од 8.000.000 денари,
  • Краткометражен документарен не повеќе од 6.000.000 денари
  • Краткометражен анимиран филм не повеќе од 8.000.000 денари.

Филмскиот продуцент е должен при изработка на буџетот во средствата кои ги побарува од страна на Агенцијата да ги предвиди и средствата за маркетинг, промоција, дистрибуција и изработка на ДВД на филмовите, како и надоместоците за авторски и други хонорари кои ќе бидат финансирани од Агенцијата согласно член 28 од Законот за филмска дејност.

VIII. Начин на користење на финансиските средства за проекти што ќе бидат избрани на Конкурсот

За домашни филмови (национални филмови и мнозински ко-продукции) најмалку 65% од средствата доделени од Агенцијата мора да се трошат во Република Северна Македонија

За ко-продукциски филмови (малцински ко-продукции) најмалку 80% од средствата доделени од Агенцијата мора да се трошат во Република Северна Македонија.

Филмскиот продуцент корисник на финансиските средства е должен истите да ги троши исклучиво од оперативната сметка за посебни намени т.н наменска сметка отворена за проектот и да се придржува до финансискиот план, оперативниот план и буџетот кои се составен дел од договорот.

По секоја фаза на реализација на филмскиот проект до Агенцијата доставува извештај за потрошени средства, документација за направените трошоци (договори, фактури, сметки) и докази за направени трошоци (изводи од банка).

IX. Еднократен надоместок за администрирање на проектот

За администрирање на филмските проекти (прием и архивирање на проект, копирање и достава до рецензенти, авторски хонорар за рецензенти на проектите, евалуирање на проектите и одлучување по истите, изготвување на известувања до продуцентските куќи, поштенски услуги, телефонски услуги и сл.), уплатата се врши на Образец ПП50 со цел на дознака:

Уплата за Конкурс за финансирање проекти.

Назив на примачот: Агенција за филм на Република Северна Македонија,

Банка на примачот: НБРМ, Сметка: 100000000063095,

Сметка на буџетски корисник: 180106036478714 приходна шифра: 725939 програма: 31

Висината на надоместокот за администрација на филмските проекти е:

– За долгометражни (игран, документарен и анимиран) филмови 8.000 денари

– За краткометражен (игран, документарен и анимиран) филмови 4.000 денари

Овие средства се неповратни без разлика дали проектот ќе биде прифатен или одбиен од страна на Агенцијата за филм.

X. Дополнителни информации

Дополнителни информации во врска со Конкурсот може да се добијат во Секторот за филмска и аудиовизуелна дејност на телефонскот број 02/3224-100 или електронски на: contact@filmagency.gov.mk

* ПРИЈАВA ЗА ПРОЕКТИ ЗА ПРОИЗВОДСТВО НА ДОЛГОМЕТРАЖЕН И КРАТКОМЕТРАЖЕН ИГРАН, ДОКУМЕНТАРЕН И АНИМИРАН ФИЛМ – МНОЗИНСКА КОПРОДУКЦИЈА (PDF)  (Word)

* ПРИЈАВA ЗА ПРОЕКТИ ЗА ПРОИЗВОДСТВО НА ДОЛГОМЕТРАЖЕН И КРАТКОМЕТРАЖЕН ИГРАН, ДОКУМЕНТАРЕН И АНИМИРАН ФИЛМ- МАЛЦИНСКА КОПРОДУКЦИЈА  (PDF)  (Word)

  • Прашалник за успешност на Продуцент дебитант (PDF)  (Word)
  • Прашалник за успешност на Продуцент (PDF)  (Word)
  • Прашалник за успешност на Режисер дебитант (PDF)  (Word)
  • Прашалник за успешност на Режисер (PDF)  (Word)
  • Рекапитулар за буџет мнозински/малцински (xsl)
  • Финансиски план мнозинкси/малцински (xsl)