К О Н К У Р С за поддршка на стручно и професионално усовршување на кадри од областа на филмот за 2026 година

Врз основа на член 25 став 2 од Законот за филмската дејност („Службен весник на Република Македонија“ бр. 82/13, 18/14, 44/14, 129/15, 152/15, 39/16 и 11/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 275/19 и 3/25), а во согласност со Правилникот за учество на Агенцијата за филм во финансирање на стручното и професионално усовршување на кадри во областа на филмот и поддршка на членство на Република Северна Македонија во меѓународни филмски организации бр.01-1917/1 од 21.12.2018 година, Oдлука на Управен одбор бр. 02-404/6 од 06.03.2023 година и Одлука бр.02-745/2 од 12.04.2023 година, и Одлука донесена на седница на Управен одбор на 12.01.2026 г. Агенцијата за филм на Република Северна Македонија објавува:

К О Н К У Р С

за поддршка на стручно и професионално усовршување на кадри од областа на филмот за 2026 година

I ОПШТИ ИНФОРМАЦИИ

Конкурсот се распишува за финансирање на проекти од национален интерес во филмската дејност и тоа:

  • за поддршка на стручно и професионално усовршување на кадри од областа на филмот

Конкурсот е отворен и трае во текот на цела година. Апликантите се должни Пријавата со прилог документацијата да ја достават најмалку 15 дена пред почеток на настанот.

За секое барање се одлучува поединчено со Одлука на Управен одбор во рок од 60 дена од денот на поднесување на Пријавата, по претходно доставено Мислење од Филмскиот совет.

Подносителите на Пријавите прифатени на Конкурсот по добивање на Одлуката, со директорот на Агенцијата за филм склучуваат договор.

Висина на учество на Агенцијата

Агенцијата за филм  ќе учествува во целост во финансирањето на котизацијата за поддршка на стручно и професионално усовршување на кадри од областа на филмот додека во останатите трошоци зависно од расположливите средства на Агенцијата. Изборот ќе се изврши во согласност со расположливите средства на Агенцијата за филм.

Начин на користење на доделените средства

Апликантите чии Пријави се одобрени на Конкурсот, односно корисниците на средствата, се должни доделените средства од Агенцијата за филм да ги трошат наменски и законски согласно позитивните прописи во Република Северна Македонија.

Корисниците се обврзани да достават наративен и финансиски извештај  со прилог документација за направени трошоци (фактури, фискални сметки и сл.) и докази за направени трошоци (изводи од банка).

Начин на доставување на Пријави

Пријавувањето се врши со пополнување на Пријава по електронски пат преку системот Е-Услуги со прилог документација која е наведена во Пријавата. Пријавата потребно е да се пополни на македонски јазик електронски со впишување на податоци на означеното место од страна на подносителот.

Пријавите доставени по Конкурс нема да бидат рзгледувани и истите ќе бидат одбиени доколку

  • се некомплетни, ненавремени, се доставени од неовластено лице, содржат неточни и неразбирливи податоци;
  • не ги исполнуваат условите наведени во Конкурсот

Дополнителни информации

Дополнителни информации во врска со Конкурсот може да се добијат во Секторот за филмска дејност и меѓународна соработка на телефонскиот број 02/3224-100 или на емаил адреса: anita.stojcheska@filmagency.gov.mk

*Изјавата може да се превземе од следниот ЛИНК

II КОНКРЕТНИ ИНФОРМАЦИИ ЗА:

ПРИЈАВА ЗА ПОДДРШКА НА СТРУЧНО И ПРОФЕСИОНАЛНО УСОВРШУВАЊЕ НА КАДРИ ОД ОБЛАСТА НА ФИЛМСКАТА ДЕЈНОСТ

Услови и право на учество

Право на учество на Конкурсот за поддршка на стручно и професионално усовршување на кадри од областа на филмот имаат физички лица кои:

  • се државјани на Република Северна Македонија;
  • се имаат стекнато со високо образование од областа на филмската дејност;
  • или се докажани во својата област, односно во моментот на конкурирање да имаат учествувано во реализација на најмалку два краткометражни професионални  филмови кои се јавно прикажани и/или студентски филмови кои биле селектирани на фестивали од А категорија
  • или во момент на конкурирање да работат и/или имаат искуство во работа на проекти кои се на тема која е тесно поврзана со програмата за едукација за која се побарува поддршка за присуство или;

Под стручно и професионално усовршување на кадри од областа на филмот се подразбира учество на едукативни и образовни програми и тоа: работилници, тренинг програми, форуми и филмски маркети со посебни програми наменети за стекнување и унапредување на знаења од посебни сегменти од областа на филмската дејност.

Квалификувани трошоци за учество на домашни и меѓународни едукативни и образовни програми се трошоци наменети за: котизација за учество во програмата, трошоци за превоз и сместување.