Известување за Конкурсот за финансирање на проекти за производство на долгометражен и краткометражен игран, документарен и анимиран филм

04/06/2026

Во врска со прашањата и интересот на јавноста во однос на резултатите од Конкурсот за финансирање на проекти за производство на долгометражен и краткометражен игран, документарен и анимиран филм за 2026 година – прв рок, Агенцијата за филм ја известува јавноста за следното:
Во текот на постапката за одлучување, беа разгледувани и проекти од категоријата на краткометражниот филм, при што истите беа содржани и во предлогот доставен од страна на директорот на Агенцијата.
Меѓутоа, согласно извршените стручни оценки, мислењата на Филмскиот совет, како и финансиските можности и ограничувања во рамки на расположливиот буџет за првиот рок, беше утврдено дека во конкретниот конкурсен циклус долгометражните филмски проекти покажале повисоко ниво на подготвеност, продукциски капацитет и целокупен квалитет во однос на краткометражните проекти.
Од тие причини, Управниот одбор донесе одлука во првиот рок да бидат прифатени исклучиво долгометражни филмски проекти, имајќи ја предвид и потребата од рационално и одговорно распределување на средствата во рамки на ограничениот буџет.
Воедно, сакаме да ги охрабриме авторите, продуцентите и сите филмски работници кои работат на краткометражни филмови повторно да аплицираат на следниот рок од Конкурсот, кој е во тек и трае до 03.08.2026 година.
Сметаме дека преостанатиот период до затворањето на конкурсот претставува доволно време за дополнителна подготовка и доработка на проектите, како и за комплетирање на целокупната потребна документација, со што апликантите ќе можат да поднесат што поквалитетни и поконкурентни апликации во вториот рок.


К О Н К У Р С ЗА ФИНАНСИРАЊЕ НА ПРОЕКТИ ЗА ПРОИЗВОДСТВО НА ДОЛГОМЕТРАЖЕН И КРАТКОМЕТРАЖЕН ИГРАН, ДОКУМЕНТАРЕН И АНИМИРАН ФИЛМ за 2026 година
Агенцијата за филм останува посветена на поддршката и развојот на сите форми на филмско творештво, вклучително и краткометражниот филм, како значаен сегмент од македонската кинематографија.

Share This