СВЕТСКА ПРЕМИЕРА ВО ТАЛИН ЗА „СЛАДОСТА НА ГОРЧЛИВИТЕ НЕШТА“ НА АНДРЕЈ ВОЛКАШИН

10/10/2026

Долгометражното режисерско деби „Сладоста на горчливите нешта“ на Андреј Волкашин ќе ја има својата светска премиера на 30. издание на Tallinn Black Nights Film Festival (PÖFF), во натпреварувачката програма First Feature Competition, посветена на дебитантски долгометражни играни филмови.

По повод селекцијата, денеска се одржа прес-конференција на која режисерот и сценарист Андреј Волкашин, продуцентката Елена Станишева, актерите Зорица Нушева и Лео Долорес Поповиќ и директорот на Агенцијата за филм, Сашко Мицевски, говореа за создавањето на филмот, неговото меѓународно претставување и поддршката за македонската кинематографија.

Филмот отвора прашања за љубовта, потиснатите чувства и храброста да се соочиме со себе. Во средиштето е Дора, мајка, сопруга и ќерка во мало гратче во југозападна Македонија, опкружено со раскошна природа. Нејзиниот уреден и предвидлив живот, посветен на семејството, се менува кога грижата за една ранета и непозната жена ја соочува со љубовта што долго ја потиснувала.

Режисерот и сценарист Андреј Волкашин се осврна на визуелниот пристап и на улогата на природата во откривањето на внатрешниот свет на ликовите.

„Во ‘Сладоста на горчливите нешта’ природата ја третирам како активен дел од филмскиот израз, а не само како амбиент. Преку внимателно кадрирање, композиција, светлина и односот меѓу ликовите и пејзажот, сакав да создадам визуелен свет во кој природата ја одразува, но и ја открива човечката природа. Ме интересираше контрастот меѓу природата како простор на слобода и исконски инстинкти и општеството што нè учи да потиснуваме делови од себе“, истакна Волкашин. Tој додаде дека визуелниот пристап му овозможил оваа внатрешна борба да ја раскаже не само преку дијалогот и дејството, туку и преку сликата, атмосферата и присуството на природата. Зорица Нушева, која ја толкува Дора, го опиша создавањето на ликот како патување на болка и надеж.
„Уште на првото читање на преубавото и во многу сцени поетски напишано сценарио беше јасно дека ликот е длабоко емотивно слоевит и во многу наврати контрадикторен, како фигура која постојано се движи меѓу грижата, страста, тајноста и вината. Лик кој е во постојана борба меѓу светлината на домот и темнината на сопствените сенки. И во таа контрадикторност се крие човечноста, силата и кревкоста на овој лик“, рече Нушева. Таа ја истакна довербата во режисерот како особено значајна во процесот на работа, нагласувајќи дека неговото трпение, топлата енергија, прецизните насоки и јасната визија ѝ дале слобода за истражување и за пронаоѓање на емоцијата што ја бара секоја сцена.
Актерот Лео Долорес Поповиќ зборуваше за предизвикот да се толкува лик што ги отвора потиснатите страни на човечката природа

„Омилените ликови ми се оние кои ме тераат да се соочам со себе и со сè што е потиснато во човечката природа. Во Бендида видов мозаик од сè од што просечниот човек е истовремено инспириран и исплашен“, истакна Поповиќ.

Продуцентката Елена Станишева нагласи дека филмот е резултат на меѓународна соработка и голема верба во приказната.
„Овој филм е создаден низ многу разговори, ризици, компромиси и, пред сè, голема верба. Филмот е резултат на една вистинска меѓународна соработка на филмски професионалци од различни земји, кои заедно препознаа нешто универзално во оваа приказна, а тоа е темата за љубовта. Сметам дека најдобро нè претставуваат токму приказните што се локално искрени, но можат емотивно да допрат до луѓе без разлика од кој дел од светот доаѓаат“, рече Станишева.

Таа додаде дека најубавиот дел од продуцентската работа е моментот кога филмот престанува да биде само на екипата и започнува свој живот, овојпат во официјалната програма на фестивалот во Талин. Станишева изрази гордост за целиот тим и за копродуцентите и партнерите што верувале во филмот и помогнале да стигне до оваа точка.

Директорот на Агенцијата за филм, Сашко Мицевски, се осврна на институционалната поддршка и на меѓународната соработка во реализацијата на проектот. Филмот е поддржан со 19.000.000 денари на конкурсот на Агенцијата во 2020 година, во првиот рок на одлучување, а е реализиран како копродукција меѓу Македонија, Бугарија и Хрватска, со македонски мнозински удел од 64 проценти.
Мицевски нагласи дека интензивно се работи на оспособување на киносалите низ целата држава и на создавање услови за прикажување на филмовите, со цел македонската кинематографија да биде достапна до домашната публика во што повеќе градови.

Во „Сладоста на горчливите нешта“ играат Зорица Нушева, Лео Долорес Поповиќ, Јана Никодиновска, Ана Костовска и Гораст Цветковски. Директор на фотографија е Кирил Проданов, сценограф Бојана Бучварова, арт-директор Влатко Чачоровски, кастинг-директор Киријана А. Николоска, монтажер Невелин Вулчев, костимограф Илина Чолак, а за шминката и фризурата е задолжена Симона Ристеска. Дизајнот на звук е на Марко Наумовски, а музиката на Ален и Ненад Синкауз.

Филмот е во продукција на Веда Филм од Македонија, со продуцентката Елена Станишева, во копродукција со Screening Emotions од Бугарија и Studio Corvus од Хрватска. Копродуценти се Поли Ангелова, Николај Тодоров и Звонимир Муниварана.

Поддршката е обезбедена од Агенцијата за филм, Бугарскиот национален филмски центар, Хрватскиот аудиовизуелен центар и Еуримаж. Сценариото е развивано во рамки на TorinoFilmLab ScriptLab 2019, а во 2022 година проектот ја добил APostLab Award, која обезбедува постпродукциски услуги за слика и звук во студијата Filmmore и Posta Vermaas во Амстердам. Проектот бил претставен и на Torino Green Lab во Шпанија и на Work-in-Progress програмата на Sofia Meetings 2025.

Share This