Своето јубилејно, дводецениско постоење, Агенцијата за филм го зачинува со проектот насловен „Македонски филм. На големо платно“, во чии рамки секој понеделник од 18 часот, во соработка со „Синпелекс“, македонската публика ќе има можност онаму кадешто тоа и треба да се случува, во затемнетата сала и на сребрениот екран, да ги погледне (речиси) сите македонски остварувања кои во изминатите декади ја претставуваа нашата мала, но цврста кинематографија низ светските меридијани. И сето тоа – БЕСПЛАТНО! Ова е одлична можност за публиката од различни генерации, на едно место, да ги доживее македонските остварувања во сиот свој сјај, а потоа да дискутира за нив и да продолжи со дружбата до доцните часови, бидејќи понеделник е таков ден, нема многу содржини низ Скопје, па овој термин е совршена провокација да се излезе со пријателите и БЕСПЛАТНО да се ужива во седмата уметност создадена од домашните филмаџии.

Токму понеделник навечер, додуша малку подоцна, од 21 часот, беше совршениот термин за магазинот „Филмополис“ кој единаесет години зрачеше во етерот и се обидуваше да ја едуцира и забавува филмската публика од сите можни аспекти. Затоа и во овој понеделники термин, од 18 часот, ќе ми биде чест пред и по проекциите на македонските филмови да разговарам со дел од протагонистите на истите, на тој начин продлабочувајќи го доживувањето на големото платно. Особено ни е важна младата генерација, на која треба да и’ покажеме и докажеме дека македонскиот филм е жилав и конзистентен, и дека содржи дела со кои можеме да се пофалиме. Затоа што, генерално гледано, македонската кинематографија, особено во поново време, навистина понуди шаренило од теми обработени низ филмскиот јазик, теми кои се актуелни и релевантни за да се размислува за нив, и оттаму нивниот успех на фестивалите и следствено на тоа – многубројните освоени награди.
Сите овие години наназад тивко се провлекува темата на (не)присуството на македонските филмови на големото платно. Вообичаено најпрво се цели на интернационална премиера на некој значаен филмски фестивал, потоа филмот се прикажува на редовниот кино репертоар неполн месец, и најпосле станува недостапен за македонската публика, со тук-таму по некоја иницијатива за повторно прикажување во Кинотеката или во некој од културните центри низ државава. Овде, се разбира, зборуваме за животниот пат на поединечните филмски остварувања. А кога мислиме на националната кинематографија збирно, никогаш не сме имале на едно место, во еден термин, пресек на она што македонската кинематографија го направи од нејзиното осамостојување до денес, особено во новиот милениум, кога домашните остварувања се дел од селекциите на престижните А-фестивали, често пати освојувајќи и еден куп фестивалски награди.

Поради сето ова, иницијативата на Агенцијата за филм наидува на одлични реакции. Проектот ќе трае една година, за време на кој БЕСПЛАТНО ќе изгледаме многу долгометражни и краткометражни остварувања, играни, документарни и анимирани филмови проследени со прашања и одговори на кои активно ќе се вклучи и публиката.
Ревијата стартува на 6 април во 18 часот со, за мене, еден од најдрагите македонски филмови во новиот милениум, „Панкот не е мртов“ на Владимир Блажевски, кој годинава слави јубилеј, 15 години од премиерата. Во него свои врвни актерски достигнувања остваруваат сите актери и актерки, а проекцијата овој пат е посветена на неодамна починатиот Кирил Поп Христов, кој брилјира во ликот на Паша.


На 13 април ревијата продолжува со еден прекрасен документарен филм на Илија Цветковски, „Avec L’Amour“, докажувајќи дека македонската документаристика има своја традиција која врвот го достигна со двете оскаровски номинации за „Медена земја“. седум дена подоцна следи најдоброто од Теона Митевска, „Господ постои, името и’ e Петрунија“, и на 27 април, првиот месец се затвора со омнибусот “Хомо“ на Игор Иванов.

Процесот на создавање на едно филмско дело е навистина макотрпна работа. Тој може да трае две-три, понекогаш и пет години, од идеја до премиера. Замислете, низ тој процес поминуваат стотина луѓе и секој треба професионално да ја сработи својата задача за на крајот да излезе квалитетен филмски проект. Затоа, да им оддадеме почит на македонските филмаџии, кои во мала кинематографија како нашата, се одлучиле да создаваат дела кои ќе останат како сведоштво на едно време и за идните генерации.
Значи, планот е дефиниран: секој понеделник од 18 часот, се гледаме в кино на големо платно!!!