Македонскиот филм на големо платно продолжува во мај

03/05/2026

Бесплатни проекции во Cineplexx со нова селекција домашни филмови секој понеделник

Агенцијата за филм продолжува со реализацијата на проектот „Македонски филм. На големо платно.“, кој се спроведува во соработка со Cineplexx, со цел доближување на домашната кинематографија до пошироката публика преку бесплатни кино-проекции.

Во рамки на програмата за месец мај, публиката ќе има можност да проследи селекција на македонски филмови во професионални кино услови, при што влезот за сите проекции е слободен, по принципот „прв дојден, прв услужен“.

Програмата започнува на 4 мај во 18:00 часот со филмот „Преекспонирано“ на Елеонора Венинова. На 11 мај со почеток во 19:00 часот ќе биде прикажан блок кратки филмови: „Човекот со чудна навика да ме мава со чадор по глава“ на Вардан Тозија, „Намини бар еднаш“ на Косара Митиќ, „Борба за смрт“ на Елеонора Венинова и „Пепи и Муто“ на Георги Унковски.

На 18 мај во 19:00 часот на програмата е филмот „Мајки“ на Милчо Манчевски, додека мајската програма ќе биде заокружена на 25 мај во 19:00 часот со проекцијата на филмот „М“ на Вардан Тозија.

Директорот на Агенцијата за филм, Сашко Мицевски, истакна дека проектот има за цел да создаде континуирана навика кај публиката да гледа домашен филм во кино. „Со оваа програма сакаме македонскиот филм да биде подостапен и поблиску до публиката. Континуитетот на проекциите е важен за градење публика и за зајакнување на филмската култура. Веруваме дека интересот ќе расте и дека кино-салите ќе станат редовно место за средба и со македонскиот филм“, изјави Мицевски. Со овој проект, Агенцијата за филм продолжува да ја зајакнува видливоста на македонската кинематографија и да го враќа домашниот филм таму каде што припаѓа, на големото платно.

Share This