По повод одбележувањето на 20 години постоење на Агенцијата за филм започнува серија на мастеркласови со врвни меѓународни професионалци, со цел унапредување на знаењето и вештините во помалку застапените, но клучни сегменти на филмската индустрија.
Првиот мастерклас ќе се одржи на: 7 мај (четврток) со почеток во 11:00 часот
во киното Cineplexx во Skopje City Mall.
Гостин-предавач е Andy Kennedy од Англија, еден од водечките светски професионалци во областа на дизајн и монтажа на звук, добитник и номиниран за престижните Emmy и BAFTA награди.

Andy Kennedy е еден од поискусните професионалци во областа на филмскиот звук, со кариера што опфаќа повеќе од три децении и над 90 филмски и телевизиски проекти. Добитник е на две Emmy награди за монтажа на звук на минисериите Band of Brothers и Generation Kill. Претходната недела беше номиниран за BAFTA Craft Award за најдобар звук на серијатa Lockerbie: A Search for Truth.
Неговиот пристап се одликува со силен фокус на автентичност и детална звучна атмосфера, при што често користи реални теренски снимки за да постигне уверливо и емотивно аудио искуство. Особено се истакнува во проекти каде звукот има клучна улога во раскажувањето, како што се историски драми и комплексни телевизиски продукции.
Неговиот професионален ангажман вклучува работа на некои од најзначајните светски продукции, меѓу кои се издвојуваат: Game of Thrones (прва сезона), Bohemian Rapsody, The Crown, Batman Begins, филмовите од франшизата Harry Potter, The Imitation Game и Fantastic Mr. Fox.
Препознатлив по својот пристап кој се темели на автентичност, прецизност и емоционална длабочина на звукот, Kennedy ќе понуди уникатен увид во процесот на создавање звучен идентитет во современата филмска продукција.
Овој мастерклас претставува ретка можност за директна средба со врвен светски експерт, и е наменет за филмски професионалци, студенти и сите кои сакаат да го продлабочат своето знаење во областа на звучниот дизајн. Настанот ќе се одржи на англиски јазик. Влезот е слободен, но местата се ограничени и неопходно е претходно пријава на следниот линк: https://forms.cloud.microsoft/e/mWsB4PiaML
Дополнително, на 8 мај ќе се одржи и затворена практична работилница, наменета за режисери и професионалци од постпродукција, каде учесниците ќе имаат можност за непосредна работа и размена на искуства со предавачот.