Пишува: Игор Анѓелков
Во понеделник во 18 часот продолжува иницијативата на Агенцијата за филм македонските оствaрувања да се гледаат онаму кадешто припаѓаат, на големото платно. По минатонеделниот успешен старт со „Панкот не е мртов“, кој прослави 15-годишнина од премиерата, овој пат следи филм од жанрот на креативната документаристика. „Avec L’Amour“, или „Со љубов“ на режисерот Илијa Цветковски е правен токму со неизмерна љубов кон човекот и неговaта страст и посветеност кон пасијата што ја поседува, бидејќи животот e краток и го прават поднослив за живеење оние мали нешта што несебично си ги дозволуваме. А што друго ни преостанува во овој луд, луд свет!?

Македонската документаристика отсекогаш имала традиција со добри филмски автори зад себе. Се сеќаваме на успесите на филмовите на Столе Попов од 70-те („Австралија, Австралија“ и „Дае“, кој беше номиниран за Оскар), прекрасниот и наградуван „Глас“ од 80-те на Мето Поповски и Иван Митевски, па се’ до двојната номинација за Оскар на „Медена земја“ пред неколку години. Во меѓувреме се случија уште неколку квалитетни документарни остварувања меѓу кои се вбројува и „Avec L’Amour“ на Илија Цветковски.
Дионис е навидум обичен човек со необично име. Она што го издвојува од останатите сограѓани е страста кон колекционирањето на автомобили. Неговата желба е да отвори музеј, и се обидува да го увери локалниот градоначалник дека тоа ќе биде за доброто на сите. Но Дионис тоа мора да го стори по потешкиот пат, во што сесрдно му помага најблиското семејство, стоички поднесувајќи ги неговите каприци. Бидејќи Дионис е, пред се’, добар човек, а денес тоа е вистинска реткост.

За еден документарен филм се смета дека е успешен доколку внимателно е осмислен, сниман и реализиран неколку години. Цветковски ја имал та среќа во животот да му се вкрстат патиштата со господинот кој го носи името на Богот на грозјето, виното, ритуалниот занес, религиозните екстази, раѓањето и смртта, природните мени и театарот. Многу личности во една, а токму таков е и македонскиот Дионис – посветен професор, омилен меѓу учениците, добар татко, уште подобар сопруг, човек со широк дух колку целата вселена, пријател со сите. Филмската екипа успеала да ги фати пиковите во неговиот живот – пензионирањето и отворањето на музејот, кој треба да прерасне во атракција. Токму овие моменти го чинат „Со љубов“ топол филм кој во овие времиња-невремиња во кои живееме не’ потсетува дека човештината и остварувањето на сонот се нештата на кои никогаш не треба да заборавиме, постојано рaботејќи на нив, притоа надградувајќи се себеси.

Тргнувајќи од филмскиот фестивал во Сараево, документарниот филм се прошета на многу светски фестивали, секаде наидувајќи на одличен прием кај публиката. Во неговата реализација учествуваа и продуцентот и монтажер Атанас Георгиев и снимателот Драган Паковски, а специјален момент во текот на дејствието е музиката на битолчаните „Фолтин“.
Во понеделник во 18 часот, се гледаме во „Синеплекс“, а гостинот со кој ќе разговараме пред проекцијата на филмот засега нека остане тајна. Се разбира, проекцијата е бесплатна

Пост фестум, 13.04.2026
Синоќа се уверив колку филмската уметност може да биде моќна, задржувајќи го сеќавањето на еден добар човек и на неговата страст – колекционерството на стари автомобили. Дионис Пашлаков веќе шест години не е со нас, но во присуство на неговото семејство, со проекцијата на документарниот филм „Avec L’Amour“, синоќа го одржавме сеќавањето на професорот по билогогија, кој отиде во пензија со подарок од неговите ученици – Буба Фолцваген.








Пред проекцијата на филмот, неговата сопруга Грозданка, една од главните протагонистки во приказната, во разговорот рече „Режисерот Илија Цветковски беше ученик на Дионис, и сосема природно реши да ја сними приказната за страста на Диноис, колекционирањето на стари автомобили. Филмот се снимаше неколку години и веќе не забележувавме дека филмската екипа е присутна, живеевме како едно семејство. На крајот сите бевме возбудени кога премиерно го гледавме филмот на „Македокс“, кој многу ни се допадна“.






А за желбата на Дионис за отворање на музеј на стари автомобили во Неготино, таа нагласи: „Желбата на мојот сопруг за постоење на музејот се’ уште опстојува, и како што тој кажа во филмот, тоа ќе биде за доброто на сите во Неготино, за целата заедница. Се надеваме дека еден ден тоа и ќе го оствариме онака како што доликува“.



